Еко спреј за брзо миење на овошје и зеленчук
Повеќето од нас го мијат овошјето и зеленчукот само под млаз вода. Но, дали е тоа доволно? Прочитајте како подобро да ги миете плодовите и да бидете сигурни дека јадете што поздраво. Дали некогаш сте се запрашале колку луѓе ги допреле овошјата или зеленчуците во супермаркетите, продавниците или пазарот, пред тие завршат во вашата торба и на вашата маса?
Некои луѓе сметаат дека е многу важно плодовите да се добро измиени и тоа не само под млаз вода, бидејќи никогаш не се знае какви пестициди се наоѓаат на нивната површина или каква нечистотија се залепила. Најдобар начин е да купувате органско и локално овошје и зеленчук, па да го миете со помош на мали трикови за домаќинство.
Еко спреј
Можете да направите домашен спреј за чистење и миење на овошје и зеленчук. За истиот потребни ви се: 1 лажица свежо исцеден сок од лимон и 2 лажици оцет и 250 мл вода.
Состојките се ставаат во едно чисто шише со пумпа за распрскување и добро се протресуваат. Со овај спреј испрскајте ги овошјето и зеленчукот, а потоа измијте ги со вода. Не грижете се, силниот мирис на киселина не се чувствува потоа.
Брзо миење
Во пластичен сад измешајте 2 чаши вода со ½ чаша оцет и во водата мијте ги овошјето и зеленчукот. Најдобро оставете ги да стојат барем 5-10 минути во подготвената мешавина, а потоа исплакнете со вода. Ова е најдобар начин да се мие марула, блитва, спанаќ и другите лиснати зеленчуци.
Неколку напомени
1. Кај зелената салата и лиснатиот зеленчук, пред миење е најдобро да им се разделени листовите. 2. Ако миете печурки, прво отстранете им ја нечистотијата со бришење со сува крпа, па потоа измијте ги во течноста и тоа само неколку секунди, бидејќи можат да ја примат миризбата на киселината. 3. Бобинките не е добро подолго време да се оставаат во течност со киселина, бидејќи ќе апсорбираат миризба. Само натопете ги, исплакнете ги со чиста вода и оставете ги на страна да се исушат. Според некои извори на овој начин со помош на оваа мешавина од оцет и вода се уништуваат и до 98% од бактериите и пестицидите од површината на овошјето и зеленчукот.
Автор: Марина Иваноска Ружиновска
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување













