Јавна расправа за новата А-интегрираната еколошка дозвола за ТИТАН Усје, 03.07.2026 Скопје
Како организација која повеќе од три децении ги штити правата на децата, сметаме дека во постапката за издавање на А-интегрирана еколошка дозвола највисок приоритет мора да биде заштитата на животот и здравјето на децата.
Во непосредна близина на индустрискиот капацитет живеат илјадници деца. Тие не можат сами да изберат каде ќе живеат, ниту можат да се заштитат од загадениот воздух. Токму затоа државата има обврска да обезбеди највисоко можно ниво на заштита на нивното право на живот, здравје, правилен раст и развој, гарантирани со Конвенцијата за правата на детето и Уставот.
Децата се научно признати како најранлива категорија на населението кога станува збор за загадувањето на воздухот. Тие дишат повеќе воздух во однос на својата телесна тежина, нивните бели дробови и имунолошки систем сè уште се развиваат, а изложеноста на токсични материи во најрана возраст може да има последици што ќе се манифестираат дури по многу години.
Документот за политики на УНИЦЕФ од 2021 година укажува дека загадениот воздух претставува сериозен фактор на ризик за здравјето на децата во Македонија и дека околу 11,6% од смртните случаи кај новороденчињата се поврзуваат со загадениот воздух. Тоа претставува сериозно предупредување дека секој дополнителен извор на загадување мора да биде предмет на најстрога научна проверка пред да се дозволи негово понатамошно функционирање.
Особено сериозна загриженост предизвикува согорувањето на алтернативни горива. Научната литература покажува дека при согорување на отпад што содржи пластика, ПВЦ и други хлорирани материјали, во одредени услови можат да се создаваат диоксини и фурани – едни од најтоксичните перзистентни органски загадувачи. Светската здравствена организација предупредува дека овие соединенија се акумулираат во организмот, можат да се пренесат од мајката на плодот и новороденчето преку плацентата и мајчиното млеко и се поврзуваат со нарушувања на развојот, имунолошкиот систем, репродуктивното здравје и со зголемен ризик од одредени видови малигни заболувања.
Во јавноста веќе беа објавени информации за присуство на диоксини кај деца од околината на Усје. Без разлика на потеклото на тие наоди, тие сами по себе претставуваат доволна причина државата да спроведе независна и транспарентна научна истрага пред да донесе одлука за издавање нова интегрирана дозвола.
Затоа сметаме дека Министерството мора да го примени начелото на претпазливост. Кога постои основано сомневање за сериозни или неповратни последици врз здравјето, недостатокот на целосна научна сигурност не смее да биде причина да не се преземат мерки за заштита на населението, особено на децата.
Бараме Министерството јавно да одговори на следните прашања:
Може ли некој денес, врз основа на независни научни истражувања, да им гарантира на родителите дека децата кои живеат околу ТИТАН Усје нема да трпат здравствени последици од емисиите на фабриката?
Ако таква гаранција не може да се даде, врз која научна основа се предлага издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола?
Дали пред донесувањето на одлуката Министерството побарало независно мерење на диоксини и фурани во воздухот, почвата, земјоделските производи, водата и биолошките примероци кај населението што живее во околината на фабриката?
Дали е изработена независна здравствена проценка на влијанието врз децата (Health Impact Assessment), со посебен осврт на новороденчињата, бремените жени и децата од предучилишна и училишна возраст?
Дали Министерството располага со независни податоци за кумулативното влијание на сите загадувачи во овој регион, а не само на емисиите од еден индустриски капацитет?
Кој ќе ја понесе одговорноста доколку во иднина независните научни истражувања покажат дека постоела изложеност на токсични супстанции што можела да се спречи?
Нашата порака не е насочена против индустријата како таква. Ние бараме индустриско производство кое нема да го загрозува здравјето на луѓето, особено на децата. Економскиот развој никогаш не смее да биде поважен од правото на живот и здравје.
Децата немаат глас на овие расправи. Затоа денес ние зборуваме во нивно име. Доколку постои и најмал сомнеж дека постапките или технологиите можат да имаат долгорочни последици по нивното здравје, државата има обврска најпрво да го отстрани тој сомнеж со независни научни докази, а дури потоа да носи одлуки за нови еколошки дозволи.
Здравјето на децата не смее да биде предмет на експеримент. Тоа е уставна, законска и морална обврска на државата.Конвенцијата на ОН за правата на детето (член 24 – право на највисок можен стандард на здравје)
Dragi ZmijanacGordana Pirkovska ZmijanacПрва детска амбасада Меѓаши / First Children's Embassy MegjashiСтоп за УсјеМинистерство за животна средина и ПП / Ministria e Mjedisit Jetësor dhe PHFirst Children's Embassy in the World Megjashi Republic of Macedonia
#СтопЗаУсје#ЧистВоздух#ТитанУсје