Моќта на храната да го ослободи умот
Што и како јадете има огромен ефект врз моќта за релаксација. Здравата исхрана ќе ви даде енергија, а исто така делува и смирувачки.
Слушајте го своето тело - вашиот најдобар интерен барометар, за се што му треба. Ако досега не сте внимавале на себе, почнете уште веднаш да ги следите златните правила на здравјето и мирот преку благодетите на храната.
Не го прескокнувајте појадокот!
Многумина веруваат дека ручекот е главно јадење кое не смее да се пропушти, но треба да знаете дека токму појадокот е тој кој ни ги полни батериите наутро и ни дава енергија во текот на целиот ден. Ручекот и вечерата само го поддржуваат тој процес. Затоа за да ги обезбедите сите неопходни материи кои му се потребни на организмот за нормално да функционира најдобро е наутро да изедете обилен појадок. Утринскиот оброк е носител на енергијата, додека ручекот треба да ви ја олесни „кризата“ која задолжително се јавува околу 16 часот (тоа е период од денот кога нивото на шеќер опаѓа). Додека вечерата најпогодно е да биде најдоцна до 19:30 часот за оптимално функционирање на процесите во организмот.
Отстранете ги сите лоши емоции и седнете да јадете. Смиреното јадење е правилно за вашето тело добро да работи. За време на „хранливиот“ ритуал, уживајте во храната и хармонијата.
Јадете свежа витална био храна!
Свежата витална храна е најбогат избор на витамини и минерали како што е витаминот Ц кој е силен борец против инфективно стресни состојби во зимскиот период, а се наожа во компирот, цитрусните овошја (лимон, портокал, мандарина, грејпфрут), јаготки, пиперки, зелка и зелени листести зеленчуци.
Витаминот Б заедно со витаминот Ц ја активира гликозата во крвотокот, а во услови на стрес така се формира „гориво“ за мускулите. Во стресни услови консумирајте повеќе месо, интегрален леб, ореви, лешници, семки и зелен зеленчук.
Хрноничниот умор ќе го отстраните целосно со висока доза магнезиум. Јадете многу ореви, лешници, чоколадо, какао, интегрален леб и грав.
Посебно изразена корист од Витаминот Е можете да осетите кога е во природна состојба, односно земан преку храната наместо во вид на синтетички препарати. Најдобри природни извори се: пченични никулци, зрна од соја, растителни масла, јаткасти плодови, брокула, спанаќ, интегрални житарки, семки и јајца. Бремените и жените во менопауза имаат поголема потреба од витаминот Е.
Автор: М-р Катерина Шамбевска
Авторски текст, не смее да се користи за комерцијални цели или/и реемитување